Гинекологот Николче Дамчевски кој беше осуден на затворска казна бидејќи лажел пациентка дека е бремена и успеа да избега во Бугарија, според се уште неофицијални информации, починал од компликации од Ковид-19 во Софијa.
Според порталот „Либертас“ Дамчевски починал во средата, а денеска ќе биде погребан. Според податоците од МВР, тој имал 47 години.
Тој беше осуден на две години затвор, а Лекарската комора му ја одзема лиценцата на седум години.
Дамчевски во период од месец септември 2015 до април 2016 година презентирал состојба на лажна бременост на пациентка врз која претходно спровел биолошки потпомогнато оплодување. Иако знаел дека оштетената не е бремена, ѝ правел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат, презентирал лажни ехо снимки на кои се гледа плод, презентирал лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот, вербално на секој преглед детално ја објаснувал секоја наводна снимка од плодот, правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за пораѓање.