Муса Клаиќи и Африм Укшини, кои 15години се бараа со меѓународна потерница за случајот „Сопот”, се вратиле во Македонија, објави ТВ21. Тие, заедно со уште две лица беа во бегство, но обвинителството во март годинава го повлече обвинениеот против нив, па МВР ги повлече и потерниците.
Адвокатот Вулнет Пачуку вели дека и тие најверојатно ќе се вклучат во листата за барање отштета.
„За другите останати четворица на кои им се судеше во отсуство, кога ќе се повлечат потерниците тие ќе можат да дојдат во Македонија и тогаш ќе нè ополномоштат и за нив да поднесеме барање за надомест на штета”, рече адвокатот Вулнет Пачуку.
Досега до Министерството за правда барање за отштета од 150 милиони денари поднеле шест лица.
„Согласно Законот од поднесување на барањето за надомест на штета, министерството за правда има рок од три месеци да излезе со одговор. Може да каже дека немаат право на надомест на штета, или да понуди износ за надомест на штета па да се преговара доколку може да се постигне спогодба. Доколку се постигне истата се потпишува и се исплаќа износот на име штета”, кажа Пачуку за ТВ21.