„Им благодариме на сите што ни помогнаа кога најмногу ни требаше. Се враќаме дома со траума што нема да ја заборавиме целиот живот, но исто така ќе се сетиме и на многу добри луѓе од Србија кои покажаа голема хуманост и самопожртвуваност“, вели еден од повредените патници од автобусот во изјава за српски „Новости“, кој во неделата наутро излета од автопатот кај Лесковац.
Според српски „Новости“, македонските граѓани успешно закрепнуваат во болниците во Ниш и Лесковац и не се загрозени. Во сообраќајна несреќа на автобус со македонски регистарски таблички, кој се движел од Битола кон Виена, загинаа тројца, а повредени се 32 патници.
Сите пациенти, кои се наоѓаат во одделенијата на Клиничкиот центар во Ниш и Општата болница во Лесковац, успешно закрепнуваат. Од Лесковац четири лица во неделата ги напуштија своите домови со приватни возила. Во вечерните часови истиот ден транспорт беше организиран за уште 14 патници привремено сместени од страна на локалната самоуправа во еден од хотелите во Лесковац. Останаа осум пациенти за лекување.
Во меѓувреме во Ниш се испратени двајца мажи на лекување. „За едниот постои сомневање дека му е повредена слезината, а другиот има повреда на вратниот ‘рбет“, вели д-р Небојша Димитријевиќ, директор на Општата болница во Лесковац.
–Сите наши пациенти успешно закрепнуваат и не се во опасност. До крајот на оваа недела тие, најверојатно, ќе бидат испратени на болничко лекување во Скопје. Транспортот ќе го организира македонското Министерство за здравство, додава тој.
Во неделата вечерта министерот Венко Филипче ги посети повредените лица во Ниш и Лесковац. Тој им се заблагодари на сите служби кои учествуваа во обезбедувањето помош на македонските граѓани. Во Ниш се третираат шест пациенти со сериозни повреди и во два случаја може да има потреба за хируршка интервенција.
Пациентите се сместени во одделот за анестезија и интензивно лекување при Клиничкиот центар во Ниш и таму ќе останат сè до подобрување на нивната здравствена состојба. Еден од повредените, Ремзи Демир од Штип, вели дека се чувствува малку подобро, но дека не може да поверува што се случи со него.
–Имам повреди на градите и клучните коски. Заспав после границата, кога го слушнав пискотот. Погледнав и го видов автобусот како оди лево-десно. Го зграпчив седиштето и автобусот потоа се преврте. Мојата рака остана под моето седиште. Некако едвај успеав да излезам, изјави Демиров.
Како се случи оваа тешка сообраќајна несреќа сè уште е претпоставка. Се претпоставува дека возачот на автобусот не ја приспособил брзината на условите на патот и затоа ја изгубил контролата над возилото. За време на несреќата, околу два часа по полноќ, во Лесковац паѓал снег, на кој му претходел дожд и имало поледица. Според неофицијални информации, по предлог на судија на претходна постапка изречена е мерка за задржување на возачот на автобусот
-Еден од возачите има скршеница на левата нога, но закрепнува во нашата болница и не е во животна опасност, вели д-р Небојша Димитриевиќ.