Хроника 17. јули 2018. / 15:30

Осомничените за смртта на Саздо ќе одговараат за убиство

Осомничените за смртта на Саздо ќе одговараат за убиство

Скопското јавно обвинителство го преквалификува кривичното дело за смртта на Никола Саздовски од „насилство“ во „убиство“, објави Судство.

„Наместо за кривично дело „насилство“ од член 386 став 6 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, против тројцата осомничени ќе се води истражна постапка за кривично дело „убиство извршено на свиреп начин“ од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, пишува во соопштението на Обвинителството.

Ваквата одлука на ОЈО следува откако во истражната постапка биле обезбедени вербални и материјални докази, односно беа испитани повеќе сведоци, бил прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.

„Ова вештачење беше доставено во обвинителството на 16 јули 2018 година и од него неспорно произлегува динамиката на кривично-правниот настан во смисла на видот и карактерот на здобиените повреди кај лицето Н.С., а се утврдува и причинско–последичната врска на нанесените повреди и нивното влијание на смртниот резултат. Одлуката за преквалификација на кривичното дело можеше да се донесе само откако јавното обвинителство ги обезбеди сите релевантни докази, меѓу кои и судско медицинското вештачење, и откако ги утврди фактите кои произлегуваат од тие докази“, пишува во соопштението на Обвинителството.

За третиот осомничен кој сè уште е недостапен ќе биде распишана домашна и меѓународна потерница.