Хроника 18. февруари 2019. / 12:49

ОЈО започна со истрага: Очевидците зборуваат за страшната автобуска несреќа

ОЈО започна со истрага: Очевидците зборуваат за страшната автобуска несреќа

Основното јавно обвинителство Скопје денеска започна со испитување на очевидците за автобуската несреќа што се случи на автопатот Скопје-Тетово кај с. Ласкарци минатата среда, а во текот на неделата свој исказ пред надлежен јавен обвинител ќе даде и возачот на автобусот.

Од Министерството за внатрешни работи до Обвинителството денеска беа доставени скицата, фотодокументацијата и други писмени прилози во поглед на сообраќајната несреќа, а во текот на денот ќе биде доставен и записникот за извршениот увид на местото на настанот.

Претходно, постапувајќи по првичното известување од Министерството за внатрешни работи доставено во петокот, Обвинителството уште истиот ден изготви наредби за обезбедување други писмени докази од правното лице „Дурмо турс“ – сопственик на автобусот, како и од ресорните министерства за транспорт и врски и за внатрешни работи.

До Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија беа доставени наредби за обдукции на сите починати лица, а од здравствените установи беше побарана комплетната медицинска документација за повредените.

Исто така, беа побарани листинзите од мобилниот телефон на возачот, а за самиот телефон беше изготвена наредба за вештачење, со цел да се утврди дали ви критичното време возачот активно користел некоја од комуникациските врски на тој телефон.

До Машинскиот факултет во Скопје во петокот беше доставена наредба за вештачење на техничката исправност на автобусот во моментот на несреќата.

Заради координација и поголема динамика во постапувањето на сите надлежни институции при утврдувањето на причините на автобуската несреќа, во Основното јавно обвинителство Скопје денеска се одржал работен состанок на претставници од надлежното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Бирото за судски вештачења, Машинскиот факултет во Скопје и на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.

Во несреќата што се случи во средата попладне, загинаа 15 луѓе, 26 се уште се наоѓаат на лекување на клините во Скопје, од кои тројца се во критична состојба.