Хроника 23. ноември 2018. / 14:01

ОЈО: Истрага за мајката која го запуштила своето бебенце

ОЈО: Истрага за мајката која го запуштила своето бебенце

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за сторено кривично дело Запуштање и малтретирање дете од чл. 201 ст.3 во врска со ст.1 во врска со чл.12 ст.2 од Кривичниот законик.

Се работи за 14 месечното бебе кое летоска беше примено на КАРИЛ со тешки повреди на мозокот, скршеница на черепот и на нозете. Лекарите тогаш констатираа и стари повреди кај бебето.

Во август СВР Скопје поднесе кривична пријава за мајката.

-Постои основано сомнение дека осомничената, во периодот од 15.06.2018 до 06.07.2018 година, во повеќе наврати, со гру­бо за­по­ста­ву­ва­ње на сво­ја­та долж­ност за гри­жа и вос­пи­ту­ва­ње како родител, го за­пу­штила своето дете и како резултат на тоа кај детето-жртва настапила те­шка те­лес­на по­вре­да, со која бил доведен во опасност неговиот живот. Во временски период додека таткото на детето родено во мај 2017 година се наоѓал на издржување на казна затвор, мајката не му пружила соодветна родителска грижа на детето, повремено го оставала само или го препуштала на грижа на други лица без притоа да внимава на сигурноста, безбедноста и потребите на детето. Како резултат на тоа, детето се здобило со тешки телесни повреди на телото и главата со кои бил доведен во опасност неговиот живот и на 07.07.2018 година било примено на Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. – се вели во соопштението од ОЈО.

Од ОЈО истакнуваат дека во рамки на предистражната постапка, надлежен јавен обвинител сослуша повеќе сведоци и ја испита осомничената. Беше издадена Наредба за утврдување на психијатриската состојба на осомниченото лице, како и Наредба за вештачење на видот и карактерот на повредите кај детето.

До овој момент не е утврден идентитетот на лицето што директно ги нанело повредите кај детето, но надлежниот јавен обвинител и натаму презема дејствија за утврдување на фактите и доколку се утврди кривична одговорност на конкретен сторител и против него ќе биде поведена постапка.

Од страна на Центарот за социјални работи на детето му е одреден привремен старател и тоа е згрижено во Домот за доенчиња во Битола.

На 9 јули годинава, 20 годишната мајка, дете без родители и родителска грижа го донела своето 14 месечно бебе во Ургентниот клинички центар во Скопје со намалена свесност како резултат на повредите од тепање. Повредена била и мајката, но без сериозни повреди, по што е пуштена од скопскиот Клинички центар.