Денеска во Собранието на Република Македонија, беше одржана комеморативна седница по повод смртта на поранешниот претседател на законодавниот дом Љубиша Георгиевски. По тој повод се обрати актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери.
– Почитувана госпоѓа Георгиевска, Почитувани членови на семејството Георгиевски,
Дозволете во мое име и во име на колегите пратеници во законодавниот дом да ви изразам длабоко сочувство по повод заминувањето од овој свет на нашиот некогашен колега пратеник и претседател на Собранието на Република Македонија Љубиша Георгиевски. Ги повикувам колегите пратеници и сите присутни со едноминутно молчење да ја изразиме нашата почит.
Слава му!
Навистина е тешко во овие тажни моменти да се зборува за една личност каков што беше Љубиша Георгиевски. Театарски, филмски и телевизиски режисер, професор по режија и актерска игра, писател, колумнист, есеист, политичар, дипломат, пратеник и претседател на Собранието на Република Македонија. Како филмски и театарски режисер, неговиот опус е огромен. Четири долгометражни играни филмови, преку 165 театарски претстави, повеќе книги од областа на теоријата на театарот, политиката, како и драмски текстови.
И во политиката, Љубиша Георгиевски влегува со сиот свој интелектуален капацитет, но и со сиот оној немир, и страст што го носи театарот и драмската уметност. Дури, некој би рекол дека успеваше да направи една навистина креативна симбиоза на овие два на прв поглед неспојливи сегменти на човековото дејствување. Можеби затоа што и во политиката тој на прво место го ставаше човекот, неговите права и слободи. Уметник каков што беше, имаше почит кон слободното изразување на мислата и можеби неговата желба да придонесе во градење на демократско општество со почитување на правата и слободите на граѓаните, беше тоа што го поттикна да се вклучи активно во поличката сцена. Во 2002 година учествува на претседателските избори а во 2006 година е избран за пратеник и потоа за претседател на Собранието. Во неговиот мандат како претседател на Собранието, започнаа размислувањата и идеите за промена на Деловникот и тоа во правец на поголема ефикасност на законодавната власт и нејзина вистинска независност во однос на другите гранки на власта. Таа негова тогашна иницијатива не резултираше со успех, и тоа е нешто што и тој самиот го призна како политичар со развиено чувство за одговорност, кој има храброст да каже што направил а што не успеал, меѓутоа, треба да се има на ум дека секоја идеја, секое размислување, има потреба од период на растење, развивање и зреење. – рече Џафери.