Хроника 29. април 2020. / 10:50

Обвинение против македонски државјанин: За 2.000 евра носел Бугарки за брак во Македонија

Обвинение против македонски државјанин: За 2.000 евра носел Бугарки за брак во Македонија

Софиското обвинителство поднесе обвинителен акт за трговија со луѓе против Рами Б. (државјанин на Република Македонија) и Магдалена К., пренесуваат бугарските медиуми.

Според собраните докази, во периодот од 2016 до 2019 година тие собирале и превезувале бугарски државјанки од областа на Видин, со цел без нивна согласност да бидат принудно држени во потчинета состојба, преку лажни ветувања и доведување во заблуда со разни бенефиции.

Жените биле превезувани од Бугарија преку граничниот премин Ѓуешево или преку аеродромот во Софија. Во Македонија биле доведувани за да склучуваат бракови за што, пак, добивале надомест од 4.000 лева или 2.000 евра.

Потоа жените, жртви на трговијата, требало да патуваат до некоја од државите членки на ЕУ, каде биле принудени во соодветни институции да потпишуваат документи, без да ја знаат и разбираат нивната содржина.