На тринаесетгодишен ученик во ОУ во Бутел вчера му биле нанесени повреди од стап од страна на негов наставник.
Како што соопшти МВР, настанот вчера во 16,00 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје го пријавил неговиот татко Д.Б.(45) кој изјавил дека истиот ден околу 12,30 часот во Основно училиште во населбата Бутел, за време на настава на неговиот 13-годишен син од страна на наставник со употреба на дрвен стап му е нанесена телесна повреда по рацете и вратот.
– Веднаш по пријавувањето на настанот било излезено на местото на настанот од страна на полициски службеници од Полициската станица Чаир, наведуваат од МВР.
За случајот бил известен Јавен обвинител и се работи на негово целосно расчистување.
МОН го осудува насилството во ООУ „Живко Брајковски
“Министерството за образование и наука го осудува индицентoт во ООУ „Живко Брајковски“, каде што наставник нападнал и повредил ученик од ова училиште.
МОН очекува соодветно санкционирање на наставникот по добиените наоди од извршениот надзор од страна на Државниот просветен инспекторат.
– Веруваме дека секоја ситуација и конфликт може да се разреши по мирен пат, со разговор, а не со физички пресметки и напади. Штетата е уште поголема што не станува збор за инцидент меѓу ученици, туку меѓу наставник и ученик, се вели во соопштението.
Од МОН апелираат до сите наставници и ученици проблемите со кои се соочуваат, конфликтите, да ги решаваат во присуство и со помош на психолошко-педагошката служба во училиштата, како и во присутво на родителите и раководните лица на образовната установа.