Хроника 02. март 2020. / 14:46

МРВ работи на идентификување на момчето кое шутира куче на игралиште во Куманово

МРВ работи на идентификување на момчето кое шутира куче на игралиште во Куманово

Се работи на идентификување на момчето кое шутираше куче на игралиште во Куманово, а првичното видео од настанот кое синоќа на социјалните мрежи стана вирално е отстрането, велат од Министерството за внатрешни работи.

Оттаму додаваат дека до нив стигнале три пријави преку опцијата „црвено копче“ на сајтот на МВР.

Од снимката се гледа како момчето кое снима вели: „Еве ги пријаелот каде се чеша“ на кумановски дијалект, а потоа, другото лице со залет го удира силно кучето во пределот на стомакот. Кучето со болка и плач избега. На крајот од видеото повторно се слуша како лицето вика: „Го ритна несакајќи“.

Случајот предизвика бурни реакции меѓу граѓаните и невладините организации. За мачење на животни, како што пишува во членот 233 од Кривичниот законик, следува казна до една година затвор.

– Тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година, пишува во Кривичниот законик.