Министерството за правда најави почнување на собирање на документите и барање на екстрадиција на Игор Спасов, кој е осуден за убиството на Мартин Нешковски и кој побегна од земјата, а вчера беше фатен во Софија.
–До Министерството за правда утрово пристигна известување од Министерството за внатрешни работи дека лицето Игор Спасов е приведено во Софија. Министерството за правда, по прибирањето на сите потребни документи, во предвидениот рок ќе достави до бугарските власти барање за екстрадиција на Игор Спасов назад во земјава, велат од Министерството за правда за „Фокус“.
Спасов и натаму бил во полициска станица и не му бил одреден есктрадиционен притвор. Фокус пренесува дека од министерството за правда биле во постојан контакт со властите на Бугарија.
Спасов бил уапсен вчера околу 15 часот во населбата Младост во Софија. Спасов бил уапсен поради семејно насилство, откако бил пријавен од жената со која живеел во станот.
Спасов беше осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски. Одлежа осум години и успеа да избега во октомври 2019 година.