Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга до Основниот суд во Струга поднесе предлог за издавање на казнен налог против едно лице од селото Враништа. Лицето е обвинето за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија.
Обвинетиот не ја почитувал забраната за движење и за време на полициски час бил забележан пред Основното училиште во селото Враништа. Кога ги забележал полицајците почнал да бега, но бил фатен.
Основното јавно обвинителство Струга со предлогот за издавање казнен налог побара од судот на обвинетиот да му биде изречена парична казна во износ од 100 дневни глоби, при што висината на една дневна глоба да биде 30 евра во денарска противвредност.