Опасните онлајн-игри „Момо“ и „Синиот кит“ им се заканија и на децата во нашата земја. Четири деца од основното училиште „Коле Канински“ од Битола се самоповредиле предизвикани од опасните интернет-игри „Момо“ и „Синиот кит“. Ова се случило пред еден месец, а случајот за „ТВ 24 вести“ го потврди и директорот на училиштето, Зоран Мирчевски. Се зборува дека оваа појава не е изолирана само во ова училиште, туку дека се раширила и во повеќе училишта во градот.
Мирчевски објаснува дека заедно со службите на СВР Битола ги повикале родителите на разговор. Од Општината за Деца.мк потврдија дека се запознаени со проблемот и дека се упатени совети до директорите на сите училишта да преземат мерки и најмногу да апелираат до родителите за внимание.
Настаните се случиле надвор од училиштето, а бил откриен и нож кај ученик во ова училиште.
„Момо“ и „Синиот кит“ се онлајн-игри поради кои неколку стотици деца во светот извршиле самоубиство.
До објавувањето на текстот не добивме потврда од МВР и од СВР Битола за овој случај.
Проф. Д-р Софија Георгиевска, психолог вели дека освен во страшна интернет-игра „Синиот Кит“ за најмладите сега се крие нова опасност во видео-играта „Момо“, за која се верува дека е смртоносна. Според некои сомневања, оваа игра е поврзана со смртта на дванаесетгодишно девојче во Аргентина, што предизвика страв кај родителите од целиот свет.
–За да се превенира овој вид на закана најважно е децата да имаат постојана комуникација со родителите. Родителите во секое време треба да бидат во можност да знаат со што се занимава нивното дете. Сметам дека главната цел, мета на краторите на овие игри се оние деца кои имаат најниско ниво на контрола од страна на родителите и кои поминуваат повеќе време на социјални мрежи. Нарушената врска помеѓу детето и родителот претставува поголема шанса детето да се вклучи во таква игра. Од друга страна пак, постојат апликации преку кои родителите можат да следат што децата отвараат на интернет, вели Георгиевска.
Таа објаснува дека секој родител мора да знае дека има голем број на опасности кои демнат на интернет, а ги таргетираат најмладите.
–Со воспоставување на соодветна комуникација со детето, отворен разговор во пријателски тон, постои можност да се спречи сајбер насилството. Детето мора да знае дека има некој со кого може да контактира ако се најде во несоодветна ситуација. Најдобар начин да се заштитат децата на интернет е да зборуваме за превенцијата, а дури потоа да се разгледаат техничките методи за контрола на содржината – додава психологот.