Повеќе од 800 тони вода биле потребни да се изгаси пожарот кој синоќа избувна во скопска Железара. Отпадното железо кое било помешано со различни горливи материи горело на исклучително висока температура што претставувало проблем противпожарните екипи да се доближат до него. Ангажирани во гасењето на огнените стихии биле 21 пожарникар со 9 специјализирани возила.
„Мораше да се доведе до некоја температура која што ќе дозволи да се пристапи со друга тешка машинерија за да се расчисти и да се изгаси така како што треба. Во моментов се работи на тргање и догасување на горливиот материјал. Така да очекувам дека до крајот на денот целосно ќе го ликвидираме пожарот“, изјави Ѕвонко Томевски – командант на Противпожарна бригада – Скопје.
По барање на Град Скопје и општина Гази Баба било побарано од Водовод и Канализација и Комунална хигиена дополнителни возила за дотур на вода за гасење на пожарот. И двете претпријатија испратиле по три возила и свои луѓе.
„По барање на Град Скопје и општина Гази Баба во гасење на пожарот се приклучија и екипите на ЈП Водовод и канализација – Скопје со три цистерни под притисок, една цистерна со питка вода, возачи и посада. Пожарот бил локализиран со што е спречено ширење на непријатна миризба“, велат од јп водовод и Канализација.
Со соопштение излезе и Макстил од каде велат дека нивна екипа работи на откривање на причините за појава на пожарот.
„Нема повредени и нема причинета материјална штета. На терен од сношти се инспекциските служби и раководството на компанијата. Сите дополнителни информации во врска со настанот ќе и бидат соопштени на јавноста“, велат од Макстил.
Интересно е што од Макстил велат дека Челичарницата односно погонот во кој избил пожарот не работел од 29 април годинава. Сепак од противпожарната бригада се сомневаат дека причината за избувнување на пожарот е човечки фактор.
Пожарот избувнал синоќа половина час пред полноќ, а веднаш на социјалните мрежи се појавија низа реакции дека огромен чад се шири од Железара, а заедно со нега и голема миризба.