Хроника 21. март 2019. / 15:40

Македонски државјани за учество во ИСИС осудени на 6 години и еден на 9 години затвор

Македонски државјани за учество во ИСИС осудени на 6 години и еден на 9 години затвор

Од вкупно седуммина обвинети македонски државјани кои биле дел од паравоената формација ИСИС, шестмина се осудени на шест години затвор, а еден обвинет доби затворска казна од девет години.

Ова е пресудата што ја изрече Кривичниот суд откако сите обвинети Елмедин Османи, Ахмед Џенгис, Орхан Жупани, Буњамин Фето, Сафет Рамадани, Ибрахим Шабани и Алмир Миртовски кои на минатото рочиште го признаа делото за кое беа обвинети „учество во странска војска, паравоени или параполициски формации“, а еден од нив е обвинет и за „терористичка организација”.

Во август минатата година, во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили, обвинетите биле лишени од слобода и предадени на македонските органи на прогонот. По спроведена истрага, во декември минатата надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот суд Скопје 1 Скопје, поднел обвинение против седум лица.

Обвинетите со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале територијата на Република Македонија и заминувале на обука во Сирија каде и учествувале како борци на ИСИС во војните во Сирија и Ирак. Обвинетиот кој се терети за две кривични дела – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации и Терористичка организација бил припадник и на терористичката организација „Исламска држава, се вели во соопштението од Судот.

Освен учество во паравоените формации надвор од Македонија, обвинетите обезбедувале, собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, преку социјалните мрежи и друг вид на комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица на учество во паравоените формации надвор од Република Македонија.