Членовите на Извршниот одбор на Лекарската комора и претседателката на Комората денеска одржаа прес-конференција на која не коментираа воопшто за содржината на извештајот од стручниот надзор за родилката Јалдз Веапоска ниту, пак, одговорија зошто точно настапило крварењето по што морало да и бидат отстранети три органи.
Не се познати имињата на членовите кои го правеле надзорот, зашто, како што рече претседателката на комората, нивните имиња се загарантирано безбедни.
-Поради притисоци од семејствата, пациентите и други колеги, имињата на членовите се загарантирано безбедни, рече доктор Калина Гривчева Страделова.
Извештајот од надзорот не влијае на тоа дали ќе се покрене понатамошна судска постапка од страните во процесот. Претседателката рече дека лекарска грешка утврдуваат судски вештаци, а не комората. Извештајот е доставен до Министерството за здравство, што според Комората ќе го има крајниот збор.
На Мухамед Асани, работењето во Извршниот одбор во Лекарската комора му е ставено во мирување додека да заврши целиот случај.