Охридската полиција до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична против засега непознато лице вработено во Охридската општа болница, под сомнение дека сторило кривично дело „фалсификување или уништување деловни книги“. Покрај тоа, кривична е поднесена и против 60-годишна жена од Демир Хисар под сомнение дека била поттикнувач за вршење на кривичното дело.
Имено, непознатиот медицински работник подготвил фалсификувани лекарски исправи кои и ги предал на второпријавената за таа да ги употреби во осигурителна компанија во Перт, Австралија, за рефундирање на трошоци од наводно лекување од труење со храна.
Како што информираат од СВР-Охрид, засега непознатото лице, иако знаело дека во периодот од август до септември минатата година, жената немала лекарски третман во болница, свесно, на празен лист хартија и ставило службен печат на болницата и составило лажна лекарска потврда со целосно внесена лажна содржина за наводно лекување и одредена терапија на жената од Демир Хисар во одделението за внатрешни болести.
Лажната исправа била заверена со службен факсимил од доктор–интернист и со службен печат од одделението за внатрешни болести.
Дополнително, на име на жената која е второпријавената во случајот, непознатото лице изготвило и лажен документ каса-прими, во која бил внесен лажен износ од 81 000 денари за наводна наплатена услуга за лекување, која била заверена со истиот печат од одделението за внатрешни болести.
Второпријавената од Демир Хисар за време на престојот во Македонија, во договор со непознатиот медицински работник со намера да оствари противправна имотна корист за себе, со умисла го поттикнала да направи лажни лекарски исправи и ги употребила во осигурителна компанија во Австралија како вистински, прикажувајки дека во текот на 2017 година и било дијагностицирано труење со храна.