Пазарниот инспекторат викендов поднесе 22 кривични пријави за непочитување на владините мерки од страна на категоризираните сместувачки и угостителски објекти. Осум кривични пријави се поднесени во Охрид, четири во Струга, пет во Битола, три во Дојран и по една кривична пријава на Пониква и во Маврово.
– Станува збор за кривични пријави поднесени поради прекршувања на забраната за сместување лица во категоризирани објекти, а само една пријава е за пречекорување на работно време и две кривични за прекршување на Протоколот 8 (повеќе гости на терасите, непочитување растојание или гостите се во внатрешниот дел од објектите), изјави Мери Проја Продановска од Државниот пазарен инспекторат.
По одлука на Владата, на 26 мај целосно беше укинат полицискиот час во земјава. Во тој период беа регистрирани мал број случаи на заболени со коронавирус, како и голем број на оздравени лица. За речиси две недели оттогаш секојдневно се бележат по околу сто нови случаи дневно. Филипче оцени дека сегашната ситуација со епидемијата во земјава, односно со ширењето на заразата, се должи на нецелосното почитување на мерките.