Синоќа кај селото Кадино се случила тешка сообраќајна незгода, откако два мотоцикли се судриле, а 16-годишно момче загинало на лице место, додека пак три лица се здобиле со тешки повреди.
На 11.08.2020 во 23.45 часот било пријавено дека во с.Кадино, скопско, се случила сообраќајна незгода помеѓу мотоцикл „пиаџо“, без регистарски ознаки, управуван од Ф.А.(18) од Скопје, на кој се превезувала 17-годишна сопатничка од Скопје и мотоцикл „малагути“, без регистарски ознаки, управуван од 16-годишник од с.Јурумлери, скопско, на кој како сопатник се превезувал 15-годишник од Скопје. На местото на незгодата од лекар на Итна медицинска помош кај 16-годишниот мотоциклист е констатирана смрт, додека останатите се здобиле со тешки телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ и Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, каде биле пренесени за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР Скопје, информираат од МВР.