Хроника 08. март 2019. / 10:43

Избегната трагедија: Возење во спротивна насока на автопатот Штип-Миладиновци

Избегната трагедија: Возење во спротивна насока на автопатот Штип-Миладиновци

Завчера беше избегната трагедија на новиот автопат кој го поврзува Штип со автопатот кон Велес и Скопје, преку Миладиновци.

Имено возач, со своето возило помина повеќе километри движејќи се во спротивен правец со вклучени 4 трепкачи.

Тој возеше по најбрзата лента, со голема брзина, без обид да се врати назад па дури и ако ненамерно ја згрешил насоката, а возилата од спротивен правец само со голема среќа се спасија од најстрашното.

Зачудувачки е што и тие не реагираа претерано вознемирено, како што може да се види од видеото објавено на Ѕид на сообраќајниот срам, само еден од нив му даде сигнал со светлата дека згрешил.

https://www.facebook.com/groups/437002943097808/

Новиот автопат Штип-Миладиновци е пуштен во пробна употреба. Делницата на патот од Три Чешми до Овче поле функционира неколку месеци, а деновиве почна да се одвива сообраќајот и до Миладиновци.

Од Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта велат дека новиот автопат е пуштен во пробна употреба, откако се извршени првичните технички приеми, а официјалното пуштање во употреба ќе се случи во мај.

Но, тој е опремен со сета сообраќајна и патна сигнализација, а до наредната година ќе бидат изградени и патарините кои што со основниот проект не биле предвидени, па бидејќи треба време за измени и тендери, дотогаш граѓаните ќе возат бесплатно. Едната патарина треба да се гради меѓу Кадрифаково и Три Чешми.

Новиот автопат Штип–Миладиновци почна да се гради во 2014 година.

Очигледно дека полицијата треба да воспостави поголема контрола на оваа делница и да ги превенира ваквите исклучително опасни ситуации.