Полковникот Драган Ковачки, кој е кандидат за пратеник на изборната листа на ВМРО-ДПМНЕ, објави дека шофершајбната на возилото на неговите родители била денеска искршена од непознати сторители.
„Ја известувам македонската јавност дека во текот на денешниот ден е скршена шофершајбната на возилото во сопственост на моите родители. Со тоа возило повремено се служев и јас. Настанот е пријавен во ОВР Делчево од каде очекувам соодветен ангажман и пронаоѓање на сторителите на овој кукавички чин. Намерата е јасна, пораката што требаше да ми ја пратите ја примив, но не ја разбрав.
Вака да ви кажам: Ниту ќе заплашите, ниту ќе ме поколебате во намерата да ставиме ред во државата. Знам дека се плашите, веројатно со право се плашите. На толку злодела што ги направивте ќе го издржиме и ова, но знајте дека крајот на бандитизмот предводен од Заеви, Шеќеринска и Спасовски е со ограничено траење и доаѓа на 15 јули.
Ги повикувам именуваните да си ги приберат послушниците и да престанат со притисоци врз семејството. Престанете да и правите штета на државата, знаете дека ова насилничко однесување влегува во завршниот извештај на мониторинг мисијата на ОБСЕ“, напиша Ковачки на својот профил на „Фејсбук“.
Тој во декември беше предлог на опозицијата да биде технички министер за внатрешни работи на местото на Оливер Спасовски, но власта не го прифати тоа бидејќи стануваше збор за униформирано лице. Наместо Ковачки, Наќе Чулев беше поставен на таа функција подоцна.