Tрговијата со луѓе не е само кривично дело со елементи на организиран криминал, туку многу повеќе – модерно ропство. Жртвите на трговија со луѓе не се безимени лица, тие се меѓу нас, во нашето непосредно опкружување, често пати очајнички бараат некој да ги спаси од ропството, вели меѓу другото во интервју за МИА, државниот секретар во МВР и национален координатор на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и криумчарење мигранти, Магдалена Несторовска.
Последниве години се поголем е бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, кои се главно сексуално експлоатирани, а идентификувани се и присилни бракови со малолетни лица и трудова експлоатација, подвлекува таа. Потенцира дека особено загрижува и што ја алармира потребата од енергична акција на сите нас е континуираниот пораст на деца-жртви на трговија со луѓе.
Во текот на минатата година со правосилни казни затвор во висина од 1 до 13 години се осудени 50 лица за кривични дела поврзани со трговија со луѓе и илегална миграција. Оваа година откриените случаи на криумчарење мигранти се во пораст за 54,4 проценти при што досега се откриени 88 случаи, при обид да бидат прокриумчарени вкупно 2.700 мигранти.
Во интервјуто Несторовска говори и за опасноста од онлајн обиди за тргување со луѓе, за тоа колку мигрантската криза влијае на зголемување на бројот на лица жртви на трговија, за мерките кои се преземаат во борбата против оваа појава и превенцијата, за тоа што се се прави за рехабилитација на овие лица, кој може да работи со нив во процесот на рехабилитација, за оценките од меѓународниот фактор за тоа како нашата држава се справува во борбата против трговијата со луѓе. Во продолжение следува целото интервју со Несторовска.
Што значи трговијата со луѓе, како една од најпрофитабилните криминални активности. Кои се облици се познати ?
Tрговијата со луѓе не е само кривично дело со елементи на организиран криминал, туку многу повеќе – флагрантно кршење на основните човекови слободи и права, повреда на човечкото достоинство и интегритет или со други зборови кажано- модерно ропство. Ропство, кое за жал не заврши во 19-от век, туку само ја смени својата форма во трговија со луѓе. Жртвите на трговија со луѓе не се безимени лица, тие се меѓу нас, во нашето непосредно опкружување, често пати очајнички бараат некој да ги спаси од ропството. И токму затоа, сите ние имаме и морална и законска обврска да им помогнеме, да ги заштитиме и да не ги затвараме очите пред суровата реалност. Во овој контекст го гледам и значењето на одбележувањето на Европскиот ден за борба против трговија со луѓе: да ја подигнеме свесноста за ризикот од трговија со луѓе, но истовремено да упатиме порака до секој граѓанин дека сите ние сме дел од широкиот фронт за борба против трговија со луѓе, во секој од нас лежи одговорноста секогаш да пријави сомневање за трговија со луѓе.
Целото интервју на МИА