Од Центарот за управување со кризи известуваат за состојбата со пожарите во текот на денешниот ден.
И денеска најмногу гори во регионот на Битола каде што има неколку активни пожари.
Извештајот на ЦУК до денеска до 14 часот:
Битолски регион
Во општина Крушево, пожарот во атарот на с.Норово кон с.Селце, се уште е активен. Гори нискостеблеста дабова шума на површина од над 100 до 150 ха. Пожарот во текот на вчерашниот ден по интервенцијата на хеликоптерите од АРМ беше локализиран, но во вечерните и утринските часови повторно се активира и се прoшири. Гори мешaна нискостеблеста и висока дабова и букова шума. Поради ваквата состојба во утринските часови повторно е ангажиран хеликоптер од АРМ. Истиот е сеуште на терен и интервенира на пожарот. Интервенираат и пожарникари од ТППЕ Крушево и вработени од ШС „Липа“ Крушево.
Активен е и пожарот кај с.Јакреново гори нискостеблеста дабова шума на површина од околу 50 Ха. Интервенираат од ШС „Липа“, а се очекува во текот на денот засилување од страна на ТППЕ и хеликоптерот од АРМ, кога ќе завршат со интервенцијата на пожарот кај с.Норово.
Пожарот во атарот на с.Врбоец, каде гореше дабова и букова шума е локализиран. На терен е екипа ШС „Липа“.
Во општина Долнени активен е шумскиот пожар во атар на с.Гостиражни. Од утрово вработени од ШС „Црн Бор“ – Прилеп интервенираат на пожарот. Гори дабова и букова шума.
Во општина Прилеп, пожарот во атарот на с.Полчиште м.в.Торнева нива, е се уште активен. Ангажирани се вработени од ШС „Црн Бор“ – Прилеп. Во моментов гори сува трева и деградирана шума. Опожарена е и помала површина од борова шума и во моментот се преземаат мерки истиот да не се прошири.
Во општина Демир Хисар, активен е и пожарот помеѓу селата Мренога и Вирово со кој е опожарена нискостеблеста дабова шума и сува трева на површина од околу 100 Ха. Интервенираат од ШС Бигла – Демир Хисар.
Велешки регион
Во општина Чашка пожарот кој се појави во атарот с.Мокрени, и се прошири кон селата Богомила и Габровник во делот на с.Богомила гори со слаб интензитет, а во делот на с.Габровник е со посилен интензитет. На пожарот кон с.Габровник ангажирани се лица од ШС Бабуна и пожарникари од ТППЕ Велес. ЕЛС Чашка од ДЗС побара ангажирање на авиони бидејки пожарот брзо се шири кон Прилеп.
Штипски регион
Во општина Берово, пожарот што избувна кај м.в.Петлец во атар на с.Русиново е локализиран. На терен е екипа од ШС Малешево.
Пожарот во с.Владимирово е локализиран. На терен од ШС Малешево.
Во општина Кочани, шумски пожар во атарот на с.Пресека во близина на манастирот Св.Богородица е локализиран но на некои места сеуште е активен. Интервенираат од ШС Осогово и од ТППЕ Кочани.
Скопски регион
Во општина Петровец, пожарот кај с.Катлановска Сушица е локализиран.
Пожарот кај с.Цветово (опш.Студеничани) е ставен под контрола и се следи состојбата од страна на ШС Караџица.
Пожарот кај Љуботенски Бачила (опш.Бутел) е локализиран.
Струмички регион
Во реоните на селата Бајково и Бадилен пожарите се локализирaни и се под контрола. Екипа од ШС Беласица е на терен заради следење на состојбата.
Тетовски регион
Пожарите во селата Луковица и Седларево се ставени под контрола и изолирани.