Хроника 04. мај 2018. / 14:12

Голем пожар на фарма во скопско Ржаничино -на терен 25 пожарникари и 10 возила

Голем пожар на фарма во скопско Ржаничино -на терен 25 пожарникари и 10 возила

Дваесет и пет пожарникари со 10 пожарникарски возила со часови цела ноќ и рано утрово се бореа со огнот во скопско Ржаничино, откако се запали фарма. Пожарот избувнал вчераноќ околу 23 часот.

Противпожарната единица добила повик од 192 дека има пожар на фарма и веднаш се упатила на терен. Првиот човек на противпожарната единица, командантот Звонко Томески во изјава за МКД.мк вели дека пожарот е локализиран, но поради присуство на горлив материјал на терен сѐ уште има пожарникари.

Интервенцијата на пожарникарите траела цела ноќ, а продолжила и утрово. Според првичните информации огнот избувнал во два објекти полни со сточна храна кои биле физички одвоени.

„Се работи за пожар на фарма во два објекти кои се физички одвоени, а почнале да горат во исто време. На терен интервенираа 25 пожарникари и 10 возила. Интервенцијата траеше со часови и имаме екипи на терен поради опасност од нов пожар бидејќи на местото има горлив материјал“, изјавил командантот Томевски за МКД.мк.