Хроника 18. септември 2019. / 10:25

Фетаи: Борбата за правда продолжува

Фетаи: Борбата за правда продолжува

Борбата за правда продолжува, кажа кусо обвинителката Фатиме Фетаи на влегување во Кривичниот суд каде претпладнево треба да се одржи ново рочиште за предметот Монструм, што го водеше СЈО, пренесе Нова.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вчера ги овласти довчерашните обвинители во СЈО Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски и натаму да го застапуваат предметот „Монструм“.

Судијата Огнен Ставрев минатото рочиште го одложи поради состојбата со Специјалното обвинителство, за која рече дека се надева оти за неколку дена ќе биде јасна и дека на следното ќе се слушаат разговорите од „бомбите“.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и треба да бидат изведени околу 3.900 разговори, кои беа предложени како дополнителни докази од СЈО.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

На доживотна казна затвор за тероризам беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири и Сами Љута, a Сејди Рама беше ослободен од вина. Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се наоѓаат во бегство во Косово за кои се бара екстрадиција.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.