Хроника 09. февруари 2020. / 08:45

Двајца патници спасени од заглавен автомобил на Галичица

Двајца патници спасени од заглавен автомобил на Галичица

Планинската Спасителна Служба доцна синоќа интервенирала врз заглавен автомобил на превојот „Баба“, на планината Галичица.

Изведувајќи редовни тренажни активности и анализа на состојбата и условите на планината, вечерва екипа на ПСС при Црвен крст Охрид, наиде на заглавен автомобил со двајца патници на превојот „Баба“ и со помош на службено теренско возило асистираше во извлекување на истото од снежните наноси, од кои целосно е блокиран превојот на патниот правец Р-2332, преку планината Галичица.

ПСС апелира до љубителите на планината и зимските авантури, да бидат крајно внимателни на овој патен правец, кој во моментов на места има големи снежни наноси, замрзната подлога и одрони, кои ја загрозуваат безбедноста на учесниците во сообраќајот.

Од ПСС потсетуваат и дека истиот патен правец е со ограничен режим на сообраќај во зимскиот период, при што сообраќајот е дозволен само во должина од 9 км, од Трпејца до излетничко место „Корита“, додека останатиот дел е затворен за сообраќај.