Хроника 07. јануари 2019. / 15:56

Драма во Росоман: Го повикал во викендичка за да се раздолжат, а таму го чекал со пиштол и двајца други

Драма во Росоман: Го повикал во викендичка за да се раздолжат, а таму го чекал со пиштол и двајца други

Триесет и осумгодишен жител на селото Росоман во полицијата во Кавадарци во вечерните часови на 06 јануари пријавил дека истиот ден бил физички нападнат во викендичка во селото која е во сопственост на скопјанец.

Според неговата изјава во полицијата, околу 18:00 часот бил повикан од скопјанецот да дојде во неговата викендичка во Росоман за да расчистат меѓусебни должничко-доверителски односи.

Кога стигнал таму 38-годишникот, покрај сопственикот на викендичката бил и уште еден скопјанец, негов пријател. Како што рекол пријавителот на настанот, пред да му ги даде парите, сопственикот на викендичката повикал уште еден жител на Росоман, кој откако дошол веднаш почнал да се расправа со својот соселанец и физички го нападнал.

Во моментот кога пријавителот го напуштил објектот, според него, скопјанецот кој го повикал испукал два пати со пиштол, но никој не бил погоден.

На 38-годишникот му била укажана лекарска помош во болницата во Кавадарци и е пуштен на домашно лекување. Скопјанецот, сопственик на викендичката, е приведен во полициска станица и се работи на целосно расчистување на случајот.