Хроника 26. јуни 2019. / 17:24

Детали за упадот на полицијата во Љуботен

Детали за упадот на полицијата во Љуботен

Голема полициска акција од зори вчера се одвиваше во скопското село Љуботен, каде упадна Финансиската полиција, а претресите во домовите беа поради тутун. Дел од жителите сами го извадиле на улица, дел е запленет, а револтот за акцијата е голем и не стивнува.

Финансиската полиција која вчера не сакаше да излезе со детали, денеска информира дека е одржана средба помеѓу Арафат Муареми, Директорот на Управата на Финансиската полиција, и претставник на месна заедница од селото Љубетен, како и жители.

– Жалиме што жителите беа вознемирени од акцијата, но истата беше неопходна, со цел да се спречи увоз и трговија со тутун и нелегални добра. – велат од Финансиска и информираат дека имале сознанија дека група лица вршат недозволен увоз, и дека тутунот се носи на повеќе места низ земјава.

Велат така добиениот производ е опасен по здравјето на граѓаните, а воедно ја почитуваат чесната работа на жителите, па жалат за непријатноста и тоа што тие кои работат како што треба се почувствувале загрозени.

– Да напоменеме, акцијата беше против нелегалниот увоз, производство и трговија, и трговијата со типот Вирџинија со големо ниво катран кој е опасен. Над 90 проценти од запленетиот тутун потекнува од таа сорта. – додаваат од Финансиска полиција и додаваат дека работат транспарентно во интерес на граѓаните.

Инаку, револтот од многу партии и од самите жители беше изразен уште вчера, по што следеше денешната средба.

– Не е логично со сите овие сили да се бара тутун. Полициска станица Бутел нема сознанија, акцијата ја спроведува финансиската полиција. Ќе се земе тутунот и ќе се провери дали е тој што се бара и кој е проблематичен. Тој што не е проблематичен тврдат дека ќе им се врати на селаните, но ние немаме некоја надеж дека ова ќе се случи. – изјавил Имери за ТВ Шења.

За акцијата на Финансиска полиција реагираа и од партијата на Зијадин Села, „Алијанса на Албанците”.

– Правото на живот е дадено од Бога и негирано од Владата, ова е моменталната ситуација во селото Луботен. Неприфатлива е реакцијата на воените полициски сили во селото Луботен, негирајќи го правото на живот. Не нуди работни места, не инвестира, не создава инфраструктурни врски, не нуди перспектива и ги спречува напорите за подобар живот. Ова е слично со мерките по Втората светска војна, насочени кон раселување на Албанците од нивните земји. – се вели во реакцијата на Алијансата за Албанците.

Вчера реагираше и Груби од ДУИ преку Фејсбук и побара објаснување од Финансиска.

– Финансиската полиција треба да објасни и оправда врз основа на која проценка имаше потреба од толку големо и сериозно присуство на полицијата во Љуботен. Спектаклите и демонстрацијата на сила се често непотребно и контраефективни дури и во случаеви кога постои сомнеж за злоупотреба која што треба да се санционира пропорционално доколку се утврди. – напиша тој.