Се зголемува интересот на работниците со ниски примања да ги искористат поволностите за субвенциониран годишен одмор кои ги нуди Министерството за економија.
Од околу 2000 пристигнати апликации, досега 1300 лица го искористиле овој бенефит, истакна денеска министерот за економија Крешник Бекташи.
Единствениот услов за аплицирање е месечниот приход на семејството да не надминува 22 илјади денари. Ваучерите кои ги доделува Министерството се во износ од 15 илјади денари, а зависно од аранжманот семејствата ќе можат да престојуваат од два до седум дена во еден од понудените хотели.
„Имаме склучено Меморандум за разбирање со 30-тина хотели во Македонија кои покажале интерес за да ги примат работниците со ниски приходи. Сите хотели се објавени на веб страната на министерството. Ние сме потпишале меморандум за и овие семејства да добијат ист третман како и другите кои ги користат нивните услуги. Во буџетот на Министерството за економија за оваа намена имаме предвидено 30 милиони денари“, вели Крешник Бектеши, министер за економија.
Ова, според Бектеши, треба дополнително да го зголеми приливот на домашни и странски туристи во земјава, но и да допринесе за обемот на работа во угостителските објекти надвор од туристичката сезона.
„Имаме зголемување на странски туристи за 23 проценти споредено со периодот јануари – април минатата година и имаме зголемување на домашни туристи за 10,8 отсто за истиот период, “истакна вели Крешник Бектеши, министер за економија.
За оваа намена, Министерството од буџетот издвојува 30 милиони денари. Нов повик за аплицирање ќе биде распишан во август.