Најголем дел од жените во руралните средини не можат да бидат самостојни претприемачи, покажува последното истражување на Здружението за едукација на земјоделци „Зелена берза“, направено во рамки на проектот „Од рурална жена до успешен претприемач, без стереотипи и дискриминација“.
Според Билјана Ристевска, истражувач, интервјуираните жени од руралните средини не може да се остварат како самостоен претприемач, бидејќи немаат доволно финансиски средства, ниту време за да предводат во земјоделството.
– Интревјуираните жени од рурални средини најчесто коментираат дека нивниот труд во домаќинството не се вреднува, сопругот располага со финансиите, тие не се самостојни, се уште има дискириминација и најчесто живеат повлечено без организиран социјален или културен живот – изјави Ристевска, презентирајќи ги резултатите од анализата во дел од пелагониските општини.
Павлина Јовановска, членка на ЗЕЗ „Зелена берза“ – Битола, истакна дека кај жените има претприемачки дух, но не е доволно искористен.
– Жените може добро да се снаоѓаат во претприемачки води, но потребна е поголема самодоверба за на површина да излезат нивните вештини – вели Јовановска.
На промотивниот настан во Битола за успешни примери на т.н. женско претприемништво со успешни приказни беа посочени „Духот на Преспа“ на Виолета Прцуловска од Ресен и цвеќарницата „Пресил“ на Нада Пресилска од Могила.