Економија 15. May 2019. / 21:10

Здружение на семејни винарници формирано во Тиквешко

Здружение на семејни винарници формирано во Тиквешко

Здружение на семејни винарници е формирано во Тиквешко. На основачкото собрание беа присутни триесетина претставници на фамилијарни винарници, а интерес има и кај други, најмалку десетина. Станува збор за мали винарски визби од Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Росоман и Градско. За прв претседател е избран Горан Јаковлевски.

– Целта ни е развој на винарството. Сите ние сме производители на вино, ракија, маџун и други производи од грозје. Ќе соработуваме со други здруженија и локалните самоуправи, со стручни лица и надлежните институции при носење законски акти и слично. Заеднички ќе настапуваме при прекугранична соработка, организирање саеми и други традиционални настани како „Свети Трифун”, „Тиквешки гроздобер” и други, кои имаат за цел унапредување на винарството и туризмот. Заеднички ќе набавуваме репроматеријали и опрема, ќе го промовираме нашето производство, рече Јаковлевски за МИА.

Потпретседател е Блаже Миневски, секретар Гоце Попов, а благајник Александар Грков. Формирани се и управен и надзорен одбор.