„Прифаќањето на планот значи конечно излегување на ‘Фени’ од стечајот и завршување на деветмесечната неизвесност за опстојување на комбинатот. Планот, којшто е поднесен од ГСОЛ/ ‘Еуроникел’ предвидува нова, светла иднина за комбинатот, поткрепена од крупни инвестициски потфати. Реорганизацијата со инвестициските планови ќе донесе зголемување на производните капацитети, нови вработувања, рестартирање на втората производна линија, пазарна експанзија и зголемување на извозните можности“, велат од „Еуроникел“.
Реализирањето на планот за реорганизација на „Фени“ нагласуваат дека има позитивни импликации за целиот Кавадаречки Регион, но и за македонската економија. Покрај редовните плати на повеќе од 800 вработени и тековно зголемување на нивниот број, „Фени“ соработува со приближно 200 компании од Кавадарци и околината, а базата на добавувачи на „Фени“ вклучува над 1000 домашни компании, чие опстојување е директно поврзано со работењето на „Фени“.
„Токму поради вака поставените приоритети во планот за реорганизација, ГСОЛ/ ‘Еуроникел’ во своите намери за ‘Фени’ доби поддршка од вработените во комбинатот, коишто со протести пред Основниот суд во Велес јасно кажаа дека не прифаќаат ликвидација на ‘Фени’ и дека својата иднина ја гледаат во планот за реорганизација. Откако ГСОЛ го изнајми комбинатот за обработка на руда, тие повторно се вратија на работа, земаат редовно плата и повторно почнаа да ја гледаат својата егзистенција во успешната работата на кавадаречкиот комбинат“, сметаат од „Еуроникел“.