Економија 20. ноември 2020. / 13:38

Заврши кампањата за промоција на ИПАРД Програмата: Организирани повеќе од 80 инфо денови

Заврши кампањата за промоција на ИПАРД Програмата: Организирани повеќе од 80 инфо денови

Телото за управување со ИПАРД при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска во Куманово организира завршен настан за Кампањата за публицитет за ИПАРД Програмата 2014-2020.

Беа презентирани активностите спроведени во текот на кампањата, која почна на 21 ноември 2018 година и која поради пандемијата има продолжено траење од 18 на 24 месеци.

Раководителот на одделението за следење на ИПАРД, Виктор Младеновски нагласи дека Телото за управување со ИПАРД нема да престане со активности по завршувањето на оваа кампања.

– Ќе има поинаков аспект на промоција на стекнати искуства и добри пракси од спроведувањето на ИПАРД што директно ќе придонесе да се подобри информираноста за ИПАРД и да има поквалитетни проект, истакна Младеновски и ги повика присутните да ги користат постојаните канали за комуникација и да придонесат да се подобри публицитетот на кампањата.

Проект менаџерот на кампањата за публицитет на ИПАРД, Сашка Јовановска Вукелиќ информираше дека во тек е изработка на две дополнителни упатства кои се однесуваат на елаборати за животна средина и услови за копање бунари во подрачја каде не постојат системи за наводнување, кои откако ќе се изработат и одобрат ќе бидат достапни на веб страницата на Телото, а ќе бидат дистрибуирани и до институциите кои се фокусирани на ИПАРД програмата.

Надлежните најавија дека во иднина ќе продолжи информираноста за ИПАРД програмата и за таа цел ќе бидат посетени најодалечените места.

Одржани се повеќе од 80 инфо едукативни денови во општините и руралните места низ целата држава, форуми и работилници на кои потенцијалните корисници се информирани за спроведувањето и користењето на ИПАРД средствата.

Во текот на кампањата биле организирани форуми во Велес, Берово и Валандово.

На завршниот настан беа презентирани и видеоспотови во кои корисници на ИПАРД од различни региони од државата ги презентираа нивните добри практики.