Забрана за вршење дејност поради непочитување на здравствените протоколи, односно одржување на прослави, непочитување на растојание помеѓу масите и носење маски, изрече Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) на седум кафулиња и ресторани во Гостивар, Битола, Скопје и Куманово, во периодот од 26 октомври до 1 ноември, информираат од Владата.
Во овој период Државниот пазарен инспекторат ( ДПИ ) спровел 2.966 контроли и 588 надзори.
Контролите се спроведени според Закон за заштита на населението од заразни болести, Закон за заштита на потрошувачи, Закон за трговија, Закон за нерегистрирана дејност, Закон за угостителска дејност, Закон за градежни материјали, Закон за занаетчиска дејност, Закон за енергетика, Закон за метрологија, Закон за безбедност на производите и Закон за заштита од пушењето.
ДПИ изрекол решенија за забрана за вршење дејност на седум објекти во Гостивар, Битола,Скопје и Куманово.
Прекршувањата се во делот на непочитување на здравствените протоколи, односно одржување на прослави, за непочитување за растојание помеѓу маси и носење маски. При контролите ДПИ изрече 65 решенија и тоа 4 решенија по Закон за заштита на населението од заразни болести (Скопје- 49 решенија по Закон за финансиска дисциплина- 3 решенија по Закон за нерегистрирана дејност- 1 решенија по Закон за трговија- 2 решенија по Закон за угостителска дејност- 1 решение по Закон за заштита на потрошувачи)
Државниот санитарен и здравствен инспекторат во истиот период извршил 91 надзор, при што изречени се 10.553 решенија,од кои 10.538 се за изолација на болни од КОВИД19 и контакти на болни од КОВИД 19, а 15 решенија се за констатирани неправилности по спроведен надзор, велат од ДПИ.
Во соопштението на Владата, информираат дека од минатата недела со измените и дополнувањата на Законот за заштита на здравјето на населението од заразни болести, сите служби постапуваат според новите поголеми овластувања при постапување со прекршители на здравствени протоколи.
„Според новото законско решение, доколку на терен инспекторите констатираат дека одредено правно лице ги прекршува здравствените протоколи, во истиот момент ќе му се изрече привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена, односно објектот на лице место ќе биде затворен. Дополнително, според новите измени, висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект. За микро, мало, средно или големо претпријатие, како и соодветни глоби за одговорен на правно лице, трговец поединец или физичко лице“, стои во соопштението на Владата.