Пратениците прифатија освен каматите за долгови од комунални услуги направени до 2011, а кои завршија кај извршители, Законот да важи и за натрупаните сметки за радиодифузна такса.
Пратеникот Панчо Минов, побара во Законот да им се наложи на Управните одбори на компаниите доверители да ги известат граѓаните должници, во некој од дневните весници. Објавата треба да биде на македонски и на албански јазик, и да ги информираат граѓаните дека почнал отисот на каматите. Минов бара со Законот дополнително да се намалат процесните трошоци, објави АлсатМ.
„Тоа се трошоци за нотари , адвокати и извршители, наместо предлогот од една третина, ние прифативме да биде една четвртина, минимално – затоа што ослободуваме од камата и нормално е за овие предмети да важи и поголемо намалување на извршните трошоци“, рече Панчо Минов од ГРОМ.
Пратеникот Самка Ибраимовски од пратениците побара овој предлог закон да се повлече и да се доработи нов, подобар. Причината за ова барање е исходот од јавната дебата со граѓанските здруженија. Според него, заклучоците биле дека близу 100 илјади граѓани живеат во должничко ропство.
„Предлог законот не може да се заснова на правната претпоставка дека должникот не се повикал на правна застареност. Значи дека предлог законот не се заснова на претпоставка дека должникот ќе делува спротивно на своите интереси“, вели Самка Ибраимовски пратеник на „ПЦЕР“.
Неговите колеги пратеници, не го прифатија овој предлог. Неколку граѓански здруженија пред две недели до пратениците поднесоа уште еден предлог закон кој предвидува отпис не само на каматите туку и на комплетниот долг на сметките за струја, вода, телефонија и ѓубретарина. Отпис се бара на неплатените сметки заклучно со 2014 година.
Образложението за носење на ваквиот закон е дека граѓаните овие долгови ги имаат преплатено преку виртуелни давачки кај нотарите и извршителите. Сепак, пратениците се против овој предлог со образложение дека законот ќе биде дискиминаторски за оние граѓани кои редовно ги плаќале сметките.