Измените на Законот за работни односи со кои се предвидува задолжително пензионирање на 64-годишна возраст, поднесени од група пратеници, влегоа во собраниска процедура и го поминаа првото читање.
Исклучоци во јавниот сектор ќе има за дефицитарни кадри од областа на здравството и во високото образование, но тоа ќе биде регулирано со други закони.
Бизнисот бара одредбата за предвремено пензионирање да не важи за реалниот сектор, туку таму да се остави можност прашањето да се регулира договорно меѓу работодавачот и работникот, што е на линија и на предлагачите на законот и на Министерството за труд и социјална политика. Во измените на овој закон се предвидува задолжително пензионирање на 64 години, но, сепак останува можноста жените да се пензионираат и на 62 години, како што е регулирано во Законот за пензиско и инвалидско осигурување.
Според анализите кои ги направиле предлагачите во координација со Министерството за труд и социјална политика, до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ќе ја достигнат околу 6000 лица. Но, како што појаснуваат, тоа не значи дека согласно предложените законски измени сите тие ќе одат во пензија, бидејќи дел од нив веќе имаат побарано продолжување на работниот однос.
Досега на вработените им беше оставена можност да го продолжат работниот однос без притоа да се води сметка дали има потреба од тоа работно место или не. Вработениот доставувал барање и работодавачот морал да му го продолжи работниот однос. Најголем дел од барањата за продолжување на работен однос биле во јавниот сектор.
Ова решение, според предлагачите – група пратеници, ќе овозможи намалување на бројот на јавната администрација. Сепак, потенцираат, за местата кои се потребни, а ќе останат испразнети ќе се отвори можност за вработување млади и квалитетни кадри и ќе се спречи нивното напуштање на земјата.
Опозицијата реагира дека ова законско решение е противречно и оти може да се искористи за дополнителни партиски вработувања. Според нивните анализи не се во прашање само 6000 граѓани кои ја исполнуваат старосната граница до крајот на годинава, туку 10 илјади. Затоа бараат да се разгледа како пензионирањето на овие лица ќе се одрази врз Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и дали ќе може да го издржи напливот.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека Фондот е во добра кондиција и оти тој има проекции оти толкав број граѓани би можеле да заминат во пензија поради навршена старост од 64 години, бидејќи не знае однапред колку од нив би барале продолжување на работниот однос.
Исклучоците од законот, односно можноста за продолжување на работниот однос за кадрите во здравството и високото образование, но и со меѓусебен договор на работникот и вработениот во јавниот сектор се прифатливи и за синдикатите и за бизнисот.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека и оваа здравствена криза покажала оти кадрите во здравството се неопходни и оти треба да се овозможи нивниот работен односи да биде продолжен, ако се процени дека е неопходно.
Бизнисот е на став дека решението е добро за јавниот сектор и оти во приватниот треба да се остави регулирањето на работниот однос да се направи во договор и со согласност на вработениот и работодавачот.
Од Организацијата на работодавачи на Македонија велат дека во приватниот сектор има недостиг на работници од различни профили.
-Би било погубно да задолжително да се оди во пензија. Ако работникот се чувствува здрав и сака да работи и работодавачот исто така сака да го задржи, ако и двете страни и работникот и работодавачот се согласни тој би требало да може да продолжи да работи, вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Задолжителното пензионирање на работниците на 64 години нема да важи за приватниот, туку само за јавниот сектор, посочуваат од МТСП.
– Тоа е закон кој што ќе ги вклучува сите вработени во јавниот сектор и ќе остава можност и за исклучок во реалниот сектор, каде работникот и работодавачот со заемен интерес би се договориле за продолжување на работниот век, велат оттаму.
Со измените на Законот за работни односи се предвидува прекинување на договорите за работа со 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку во друг закон не е поинаку регулирано. Но, ова прашање е регулирано и во Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во кој согласно член 18 се вели дека осигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.