Економија 19. април 2018. / 13:52

Забавија капиталните инвестиции и градежните компании забележаа пад на профитите

Забавија капиталните инвестиции и градежните компании забележаа пад на профитите

Во годишниот преглед на Македонска берза за котираните друштва според дејности, градежните компании кои се јавно котирани бележат најголем пад на профитите во однос на претходните години, а бележаѕ и пад на вкупните приходи поради нивната намалена оперативна дејност.

Со стопирањето на дел од државните проекти или нивно забавување, дел од македонските градежни компании веќе нема да можат да ја имаат истата експанзија како во минатите години кога градеа капитални проекти што придонесе да се намалат градежните активности и нивните приходи и профити.

Бетон АД Скопје во годишниот извештај за работењето во 2017 година има нето добивка од само 35,4 милиони денари, за разлика од 2016 година кога имал двојно поголема чиста добивка од 86 милиони денари што е годишен пад на профитот од 58,81%.

Лоши резултати бележи и Бетон АД Штип оваа градежна компанијата работи со загуба, и 2017 година ја завршила во минус. Загубата на Бетон АД Штип изнесува 55,6 милиони денари,во споредба со нето добивката од 23,3 милиони денари во 2016 година.

Гранит АД Скопје има преполовена добивка во 2017 година која е за 52,95% помала во однос на добивката во 2016 година. Гранит АД Скопје минатата година ја завршил со нето добивка од 138.388.000 денари, додека пак во 2016 година заработил чисти 294.115.000 денари.

ФЗЦ Карпош има најмал пад на добивката на годишно ниво споредено со останатите три компании на оваа листа, Карпош забележа пад на добивката од -46,25%. ФЗЦ Карпош АД Скопје во 2017 година има профит од 12,4 милиони денари, додека пак нето добивката во годината претходно изнесувала 23,1 милиони денари.