Економија 27. март 2020. / 17:38

За викендот за време на полицискиот час фабриките ќе можат да работат

За викендот за време на полицискиот час фабриките ќе можат да работат

За време на полицискиот час којшто во сабота и недела ќе почнува од 16:00 часот и ќе трае до 05:00 часот следното утро производствените погони и фабрики го продолжуваат своето производство организирано во смени.

Согласно заклучокот од дванаесеттиот состанок на Главниот координативен кризен штаб на Владата на Република Северна Македонија работниците во време на забраната за движење ќе може да се упатуваат на своите работни места исклучиво со посебни дозволи за вршење на сменска и ноќна работа. Тоа се истите дозволи коишто се издаваат на образецот усвоен од страна на кризниот штаб, а ги издаваат самите одговорни лица на компанијата, појаснуваат од Владата.

Во дозволата се наведуваат основните податоци за работникот, адресата на живеење, но и работното место и називот на компанијата во којашто работи. При тоа, се наведува и смената во којашто е ангажиран работникот. Дозволата ќе биде потврда за движењето на работникот во услови на воведен полициски час и истата ќе треба да се приложи на увид до органите на државата. Дозволата за движење ќе важи исклучиво за лицето на чиешто име е издадена. Овие издадени дозволи од страна на работодавачот не треба да бидат заверени и потврдени од страна на Министерството за внатрешни работи, или надлежното ОВР, велат од Владата.

Од Владата апелираат до компаниите коишто работат во смени и за време на полицискиот час да покажат одговорност, да се придржуваат и да ги почитуваат мерките за заштита на работниците во услови на епидемија од КОВИД-19. Инспекциските служби се на терен и ќе го следат почитувањето на препораките.