Економија 06. мај 2020. / 11:25

За три месеци во Македонија уништени над 85 тони небезбедна храна

За три месеци во Македонија уништени над 85 тони небезбедна храна

Повеќе од 85 тони небезбедна храна уништија инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и операторите за храна од јануари до март годинава, информираат од Агенцијата.

Најголемиот дел небезбедна храна, односно 68.541 килограми, била повлечена од самите оператори, согласно HACCP стандардите, додека инспекторите за храна и официјалните ветеринари, како небезбедни уништиле 17.173 килограми храна.

-Од вкупно уништената небезбедна храна од страна на инспекторите за храна и официјалните  ветеринари во првиот квартал годинава, 277 килограми била храна од неживотинско, а остатокот храна од животинско потекло, велат од АХВ.

Вкупно 12.699 контроли се спроведени од почетокот на март годинава. Изречени се 13 парични казни за оператори со храна, дополнително спроведени се 424 укажувања (едукации), а поднесени се и 5 прекршочни пријави.

Дополнително информираат дека во првиот квартал од годинава нема ниту забранети ниту уништени небезбедни пратки од увоз.

-За извоз на храна од животинско потекло во првите три месеци од годинава издадени биле 566 сертификати, а за извоз на храна од неживотинско потекло 597 сертификати. Покрај контролирање на тоа дали се почитуваат основните и посебните услови за безбедност на храната, во рамки на вонредните засилени контроли се вршат и проверки дали операторите со храна ги почитуваат препораките и мерките на Комисијата за заразни болести и Владата кои се однесуваат на намалување на ризиците и спречување на ширење на корона вирусот, посочуваат од Агенцијата.

На потрошувачите, додаваат од АХВ, на располагање им стои бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22 за во секое време да може да пријават недоследности во поглед на безбедноста на храната и почитувањето на препораките и мерките за заштита од корона вирусот.