Економија 28. мај 2018. / 20:03

За пола година пругата до Меџитлија треба да биде готова

За пола година пругата до Меџитлија треба да биде готова

Временските услови конечно овозможија да започнат интензивни градежни работи на железничката пруга од Битола до Кременица во должина од дваесеттина километри, што ќе овозможи железничко поврзува со Република Грција и преку граничниот премин на Меџитлија. Денеска увид изврши ресорниот министер Горан Сугаревски.

– Станува збор за проект кој што е од 17, 2 милиони евра, од кои, 6 милиони се ИПА- средства, а 11 се од Буџетот на Република Македонија, а с`е со цел, да направиме поврзување на Пелагонискот регион со Солунското пристаниште и да го зајакнеме неговиот економски капацитет , вклучително и индустриската зона жабени- рече Горан Сугаревски, министер за транспорт и врски.

Кратките рокови од половина година, притискаат да не пропаднат парите од ИПА фондовите, бидејќи нивната наменска употреба е поврзана со временска рамка.

– Изведувачите на овој градежен зафат ќе мораат во прецизно време да ги извршат сите градежни рокови бидејќи ИПА- Фондовите имаат сосема прецизни термини за плаќање. Доколку тоа не се случи, македонската Владата ќе мора да одвои дополнителни шест милиони евра за да може комплетно да биде завршен овој проект.

Австриските изведувачи од “Штрабат“ кои се големи градежни играчи во Регионот, смируваат дека навреме ќе си ја завршат работата и во летниот период ќе биде анагажирана работна сила од над 300 работници.

– Ние овде парктично с`е уште сме на почеток, бидејќи немавме премногу среќа со временските прилики на почетокот од годината. Меѓутоа, цврсто веруваме дека работата ќе ја завршиме во предвидениот рок и некаде до крајот на ноември, можеме да очекуваме с`е да биде комплетирано- рече Златан Ѓургевиќ, директор на “Штрабат Нискоградба“.

Сугаревски најави интензивни активности во проектите за железничко поврзување на Коридорот- 8 од Куманово до бугарската граница, како и на шеесет и три колометарската делница од Кичево до албанска граница, инвестиции тешки над една милијарда евра.