Владината уредба за поддршка на производството на струја од обновливи извори на енергија е спротивна на препораките на Европската комисија и европската енергетска заедница, предупредува невладината Екосвест, со поддршка и од Меѓународната еколошка мрежа Бенквоч. Екологистите укажуваат дека во земјава ќе се стимулира изградбата на хидроелектрани, што само може да ја продолжи нивната експанзија и штета. Од Владата се бара да организира јавна расправа за предложените подзаконски акти.
Уредбата, велат, предвидува и натаму гарантирана субвенционирана цена за струјата произведена од малите хидроелектрани, што е против правилата на Енергетската заедница.
-Тоа директно оди во судир со правилата на ЕУ, а тие се важни за Македонија, не само затоа што Македонија сака да стане членка на унијата, туку и затоа што веќе е членка на Европската енергетска заедница и веќе сега има обврска да следи одредени легислативи од ЕУ, вклучувајќи ја и државната помош во секторот енергетика, вели Филипа Галоп од Меѓујнародната еколошка мрежа Бенквоч.
Од Екосвест веќе контактирале со Енергетската заедница во Виена, од каде ги потврдиле овие забелешки. Тие за разлика од ЕУ немаат доволно јаки механизми за заштита на препораките, бидејќи немаат можност да изрекуваат казни, но можат суптилно да влијае на банките да недоделуваат пари за изградба на енергетски објекти кои ја нарушуваат животната средина.