Економија 17. декември 2020. / 09:36

Втор ден расправа по дополнетиот предлог-буџет за 2021 во Собранието

Втор ден расправа по дополнетиот предлог-буџет за 2021 во Собранието

Во Собранието денеска треба да продолжи расправата по дополнетиот предлог буџет за 2021 година.

Ова е втор ден, а расправата на пленарна седница трае најмногу пет работни дена, по што се гласа по предлогот.

Во дополнетиот предлог, што е пред пратениците, се содржани 18 амандмани прифатени во расправата пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.

Дополнетиот предлог буџет, според министерот за финансии Фатмир Бесими, е реален и во него се алоцирани средства онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

– Наредната фискална година се карактеризира со се уште присутната непредвидливост околу времетраењето и интензитетот на здравствената пандемија во глобални рамки, импликациите врз буџетот и економијата во целина и потребата од поставување основа за солидно економско заздравување и забрзан раст. И покрај присутните ризици поврзани со здравствената криза, а земајќи ги предвид досега реализираните четири пакети на економски мерки, со проекциите во Буџетот за 2021 година се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија, нагласи Бесими.

Говорејќи за здравствената криза предизвикана од Ковид 19, рече дека домашната економија се соочила со една од најдлабоките рецесии досега што резултирало со пад на економската активност во вториот квартал од речиси 15 проценти. Сепак, очекувањата на Владата се дека годината ќе заврши со пад од 4,4 проценти.