Економија 25. ноември 2018. / 21:32

Вреќи полни со преспанскa јаболка скапуваат по дворовите на жителите на Преспа

Вреќи полни со преспанскa јаболка скапуваат по дворовите на жителите на Преспа

Вреќи полни со јаболка скапуваат по дворовите на жителите на Преспа бидејќи откупот на годинешниот род оди слабо. Овоштарите не се задоволни од ниските откупни цени на индустриското јаболко од 0,8 денари по килограм и од шест денари за конзумното јаболко. Алифер Шабани годинава произвел 200 тони јаболка, но сега не знае што да прави со нив, објавува Алсат.

-Ситуацијата која ја имаме е дека ниту од општина Ресен, ниту од Министерството за земјоделство не дојдоа да ја видат ситуацијата тука во Наколец и не само во Наколец, туку низ цела Преспа каде состојбата е иста. После испраќањето на работниците и после 40 дена берба низ целиот регион во Преспа по патиштата има вака големи купови со јаболка кои се оставени, вели еден жител на Преспа.

За разлика од ланската година кога добар дел од родот измрзна, оваа година има хипер-продукција на јаболка.

-Годинава е таква, се роди многу род и сега никој не знае што ќе се случи со тоа. Работата не оди така како што треба да оди. Индустриското јаболко е 0,8 денари. Не можеме трактор да платиме од бавча што ќе ги донесе јаболките, а не пак да ги береш. Треба да се преземат некои мерки од Министерство за земјоделие.

Од кога се насадени бавчите никој од општината или од државата не е дојден да не праша како оди работата, како живееме. Сега прашање е што ќе правиме. Јаболката не се троши.Од општината не ни доаѓаат да прашаат.Тие се нула во општината Ресен.Не се интересираа.

Ова богатство да се фрли сега во време на криза во Македонија е жалосно за државата. Сите магацини во селото се полни со јаболка, се преполни. Јас ваков род не паметам. Досега ниту еден шлепер не дошол да откупува јаболка. Порано земаа за Ирак, Сирија, Египет, Турција, Русија. Оваа година никој не доаѓа да праша, реагираат жителите на Преспа.

Преспанчани велат дека со овие откупни цели на јаболката тешко дека ќе може да опстанат. Се сомневаат дека ќе може да го продадат целиот род. Ако не, ќе бидат приморани да го фрлат.