Живко Гошаревски, градоначалникот на Ресен, објави дека во општината се затвораат трите најголеми индустриски капацитети откако бројот на позитивни на Кови-19 започна забележително да се зголемува иако до пред шест дена немаше ниту еден заболен. Вчера бројот на евидентирани беше 14, а денеска 6.
По направените разговори со претставници на најголемите индустриски капацитети во Преспа, Свислајон-Агроплод , Хатекс и Стењетекс , договорено е погоните во овој период да бидат затворени, со што максимално би се намалиле контактите, групирањето и движењето на луѓето.
Уште еднаш упатувам апел сите жители на општината да се придржуваат до мерките, да нема групирање, да се носат маски и да се држи растојание од најмалку две метри, напиша Гошаревски на својот профил на „Фејсбук“.
Вчера излезе медиумска информација дека меѓу заболените има келнер, професорка, бербер и продавач на пазар, а според профилот на професии, се стравува дека бројот ќе се зголемува поради големиот број на контакти што ги остваруваат.