Економија 15. мај 2020. / 16:20

Во полн ек е изградбата на социјални станови

Во полн ек е изградбата на социјални станови

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и Генералниот директор на АДСДП Кристијан Трајковски извршија увид во динамиката на изградба на социјалната зграда во Неготино која ќе овозможи дом за 62 семејства од социјално ранливите категории граѓани.

Според Трајковски, очекувањата се дека објектот ќе биде изграден најдоцна до јуни, и дека во оваа година исто како и во претходната, реализацијата на капиталните инвестиции, односно изградбата на социјалните згради ќе биде сто процентна.

Во преговори сме со Европска централна банка за уште неколку проекти кои ќе продолжат како замена за посточекиот – Ф/П 1674, што значи дека повторно ќе градиме социјални згради, но размислуваме да помогнеме и на други категории социјално ранливи категории граѓани – изјави Трајковски.

Според вицепремиерката Царовска, во моментот во земјава се градат социјални згради уште на 4 локации- во скопската општина Бутел, Пробиштип, Виница и Свети Николе со вкупно 506 станови

За министерот Сугарески, изградбата е важна да продолжи со забрзана динамика не само на оваа зграда, туку за сите капитални проекти, важна е за целокупната економија, за градежништвото и за сите гранки што ги покрива градежништвото.

Во овие услови на здравствена криза која силно влијае врз економијата, се трудиме како Влада максимално да ги забрзаме сите проекти, за да се работи на терен, да им се исплаќаат плати на градежниците,и на тој начин економијата и градежништвото да ги вратиме на старите патеки со раст – изјави Сугарески.

Зградата во Неготино е прв објект со ваква намена во градот.