Уредбите за мерките од третиот сет треба да се донесат наредната недела, по што и на граѓаните ќе им биде објаснето како да ги користат. Дел од мерките според најавите треба да почнат да се применуваат во јуни – јули.
Наредната недела ќе почне носењето на првите уредби за третиот сет економски мерки. Како ќе се носи уредбата, така ќе им се објасни на граѓаните – изјави техничкиот премиер, Оливер Спасовски.
Според Владата, третиот сет економски мерки е за ревитализација на економијата кои имаат цел да го амортизираат ударот врз економијата.
Сите мерки се креирани со јасно поставени цели и очекувани ефекти кои треба да ги дадат, како на краток така и на среден рок. При креирањето на мерките владата мислеше на сите – и на невработените, и на вработените со ниски примања, и на социјално ранливите категории, и на младите и на оние кои се најизложени во борбата – здравствените работници, и на приватниот сектор, погодените сектори, и на домашните компании, на македонскиот туристички сектор, на малите компании, на стартапите, на големите компании, на индустријата, на ИТ секторот на земјоделство кое има неискоирстен потенцијал – изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.
Дел од овој столб се и платежните картички и ваучерите за туризам кои треба граѓаните да ги добијат до јули, а да се искористат до крајот на 2020 година. Во третиот пакет се 11 милиони евра за ваучери и пет милиони евра за платежни картички, ваучерите од 100 евра, а картичките 50 евра.