Гориво и телефон во 2017 година во Општина Арачиново се трошело без правила. Ова го констатира државниот ревизор за работењето на Општина Арачиново.
Со направената ревизија на расходите во вкупен износ од 507 илјади денари, констатирано е дека Општината нема интерен акт со кој би биле уредени условите и начинот на користење на службените возила.
-Не се изготвуваат налози за користење службени возила од кои може да се утврди целта за која се користени, односно недостасуваат податоци за службеното дејствие што се врши, местото на поаѓање и местото на упатување, поминати километри, потпис на возачот и потпис на корисникот, пишува во наодите на ревизијата.
При проверката на потрошеното гориво, ревизијата констатирала дека е трошено гориво и за возила кои не се службени. Ревизорите напишале дека ваквиот начин на трошење на расходите е спротивен на Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници.
Во Извештајот на ревизијата е нотирано и дека се потрошени 300 илјади денари за телефони без донесен интерен акт за службени мобилни телефони, со што би се утврдило правото на користење, дозволениот лимит и сл.
Одговорноста за наодите во извештајот е на градоначалниците Брахим Ајвази и Миликие Халими.