Економија 15. ноември 2019. / 09:25

Во Охрид состанок на Мешовитата македонско-руска меѓувладина комисија за економска соработка

Во Охрид состанок на Мешовитата македонско-руска меѓувладина комисија за економска соработка

Во Охрид денеска треба да се одржи 9. сесија на Мешовитата македонско-руска меѓувладина комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка.

Комисијата, која се реактивира по период од пет години, ќе ги разгледа можностите за унапредување на економските и трговските односи, кои во моментов, според заедничката оценка на двете земји, се на многу ниско ниво.

Македонскиот извоз на рускиот пазар е незначителен, посочи премиерот Зоран Заев и апелира до руските стопанственици да инвестираат во земјава. Енергетиката, гасификацијата, транспортот, земјоделството и туризмот остануваат, нагласи, клучни сектори за интензивирање на партнерството, но соработката ќе се проширува и во други сфери. За таа цел е договорено и формирање работни групи.

– Односите со Руската Федерација се традиционално пријателски, но потенцијалите во делот на економијата не се доволно искористени и во овој сегмент мора да работиме. Во дијалогот на Меѓувладината комисија, која повторно почнува со работа, од оваа година е внесена нова динамика. Верувам дека ќе постигнеме сериозен исчекор – смета Заев.

Според него, најповолен сегмент за реализирање заеднички проекти меѓу македонските и руските компании е изградбата на примарна инфраструктура за гасификација и на откупно-дистрибутивни центри во земјоделството.

– Во областа на енергетиката сме сигурни партнери. Русија, исто така, е подготвена за купување македонски земјоделски производи, стоки и услуги, но сериозен потенцијал за унапредување на соработката има и во транспортот, како и во авиосообраќајот – вели рускиот заменик-министер за индустриски и трговски развој Алексеј Груздев.

Рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, пак, најави поддршка за бизнис-соработката, напоменувајќи дека Русија во Македонија гледа интересен и перспективен партнер.

– Потребни се единствени правила на игра, но и отфрлање на стереотипите и шаблоните – потенцира Баздникин.

Последниот состанок на Мешовитата македонско-руска меѓувладина комисија беше одржан во Калининград, Русија, во 2014 година. На 9. сесија на Комисијата што практично почна вчера со форумот во Скопје и продолжува денеска во Охрид, ѝ претходат подготвителните средби што се одржаа минатиот месец во Москва. Македонската делегација во Москва тогаш ја предводеше министерот за земјоделство Трајан Димковски.

Како што информира претседателот на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев за МИА една недела пред подготвителните средби, повторното состанување на Мешовитата меѓувладина комисија е по иницијатива од двете страни.

– Двете држави сфаќаат дека таков тип средби се многу значајни. Всушност, тоа е инструмент што ги регулира односите. Периодот од пет години е долг, а секогаш има измени, нови податоци што треба да се разменат и да се регулираат. Изминативе пет години, додека комуникацијата беше „замрена“, сепак успеавме да се наметнеме на рускиот пазар. Единствено недостига поагресивен маркетинг – оценува Бешлиев.