Околу 18,5 отсто од работниците во Македонија работат непријавено, што е најмал процент во регионот, каде што предничи Црна Гора со 33 отсто. Во шесте држави од регионот, вкупно околу 1,4 милиони луѓе работат на црно, а според грубите проценки вкупната загуба во приходите на шесте економии поради тоа изнесуваат неколку милијарди евра.
Овие се податоци изнесени денеска во Сараево на меѓународна работилница во организација на Регионалниот совет за соработка (РЦЦ), на која учествуваа претставници од политиката, социјални партнери и експерти од земјите од Западен Балкан.
– Според анкетите за работната сила, се проценува дека помеѓу 20 и 30 отсто од вработените работат непријавени, додека според истражувањата на претпријатијата што ги спроведува Светска банка, речиси половината, односно 49,2 отсто од фирмите во регионот се натпреваруваат со фирми што работат на црно – изјави Маја Ханџиска Трендафилова, шефица на програмски оддел на РЦЦ.
Ханџиска додаде дека со оглед на големината на проблемот и на фактот дека тој е идентичен во целиот регион, најдобриот одговор лежи во структуриран регионален пристап кој не е базиран само на санкции, туку и на поттикнување за преминување во формално вработување, меѓу другото, и со информирање за користа од истото.
РЦЦ заедно со Меѓународната организација на трудот (ИЛО) во наредните три години ќе работат на спроведување на втората фаза од проектот Платформа за вработување и социјални прашања што го финансира Европската унија, се наведува во соопштението на РЦЦ.