Економија 02. јули 2020. / 15:46

ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага рударството да го постави на здрави нозе

ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага рударството да го постави на здрави нозе

Во наредниот четиригодишен мандат ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага рударството да го постави на здрави нозе. Најголем проблем на оваа гранка се несредените закони, за кои се обврзуваме дека ќе ги донесеме во најбрз можен рок, со цел да се среди хаосот кој го направи СДСМ во своето тригодишно владеење. Во наредните години ќе вложиме многу енергија за да ги донесеме следните нови закони поврзани со експлоатацијата на минералните суровини, со што ќе ја подигнеме безбедноста при работа како и заштитата на водите и животната средина:

1.Закон за геолошки истражувања

Во Законот за геолошки истражувања ќе ги уредиме:геолошките истражувања по вид и ингеренции при нивно вршење,ќе воведеме планирање на просторот за вршење на детални геолошки истражувања,геолошката база со геолошки податоци и нивно издавање,заштита на водите и животната средина,геолошките професии и геолошкиот инспекторат.

2.Закон за рударство

Со новиот Закон за рударство ќе ја уредиме експлоатацијата на минералните суровини со што ќе водиме сметка за нивно рационално искористување, ќе ја подигнеме безбедноста при работа како и заштитата на водите и животната средина. Ќе ги преуредиме процедурите при издавање на дозволи за експлоатација како и вршењето на техничкиот прием на рударските објекти. Задолжително ќе воведеме мониторинг на водите, загадувањето на воздухот, почвите како и обврските за постапување и санирање на штетите настанати од рударството.

3.Регулирање на експлоатацијата на песок од речни корита

Експлоатирањето на песокот од речните корита како и трајното решавање на регулирањето на реките и одржувањето на нивните брегови е прашање на кое сериозно ќе се посветиме во наредниот период. Експлоатирањето на песокот при изградба на градежни објекти, исто така е потребно да се регулира. За уредување на ова прашање ќе интервенираме во Законот за води, Законот за градење, Законот за геолошки истражувања и Законот за рударство, со што експлоатирањето на песокот од речните корита ќе се врши со прецизно дефинирана проектна документација, претходно одобрена од надлежни институции.

4.Изработка на стратегија за одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини

Стратегијата ќе претставува збир на сите активности преку кои како држава ќе влијаеме врз истражувањата и искористувањата на минералните суровини, а ќе се однесува на сите видови минерални суровини, сите активности во делот на проспекциските, основните, деталните геолошки истражувања и развој на ресорниот орган од областа на геолошките истражувања и рударството, Геолошкиот завод на Македонија, како и јакнење на капацитетите на инспекторатот во делот на надзорот над вршењето на геолошките истражувања и експлоатацијата на минералните суровини.

5.Имплементација на катастарот на наоѓалишта и појави на минерални суровини

Во 2021 година ќе отпочнеме со реализација на истиот и ќе создадеме услови за подобар увид во потенцијалите и можностите за планирање на нови истражувања и испитувања и за откривање на нови наоѓалишта на минерални суровини, како и на нивно ставање во функција на експлоатација.

6.Биланс на водите

Билансот на водите ќе го воведеме заради увид во потенцијалот и соодветно планирање со водените ресурси, намената за нивно рационално искористување за водоснабдување, наводнување, хидроенергија и сл.

7.Искористување на техногени минерални суровини (јаловишта)

Во периодот кој следи планираме да пристапиме кон целосно искористување на минералните суровини од јаловиштата: Пробиштип, Велес, Железара-Скопје, Лојане, Јегуновце и др., како и нивно санирање и рекултивирање. Ова ќе го направиме со цел преку искористување на корисните елементи од јаловиштата, санација и рекултивирање на просторот да ја заштитиме животната средина и да ги решиме еколошките проблеми на овие општини.

Со воведувањето на планирање на просторите за концесии за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини, доследната примена на современите техники и технологии во рудатсвото при експлоатацијата на минералните суровини, максималната заштита на водите како и животната средина, рударството во државата во наредниот период ќе биде еден од столбовите на економскиот просперитет.

Исправи се Македонијо!

Одбери обнова!